Претставници на Националниот сојуз за планинско спасување (НСПС) од Македонија учествуваат на годишниот конгрес на Меѓународната комисија за алпско спасување (ИКАР), кој се одржува од 6 до 10 октомври во Инсбрук, Австрија. Дел од Сојузот е и Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

Според соопштението на НСПС, собирот обединува повеќе од 1.000 претставници од светската спасувачка заедница, кои разменуваат искуства и се запознаваат со најновите техники, технологии и опрема за планинско спасување.

Програмата опфаќа стручни предавања, работилници и практични демонстрации за копнено и воздушно спасување, лавинско спасување, спасување со кучиња и ургентна планинска медицина. Меѓу темите се употребата на дронови, хеликоптерските операции и медицинското згрижување на повредените.

НСПС од 2023 година е полноправна членка на ИКАР со највисокиот статус на членство – категорија А. Од Сојузот посочуваат дека учеството на конгресот придонесува за унапредување на знаењата и вештините на спасувачите и за зајакнување на меѓународната соработка.

Нашата определба останува јасна – развој на современ, ефикасен и национално организиран систем за планинско спасување во Македонија, усогласен со светските стандарди на ИКАР, наведуваат од НСПС.

Националниот сојуз за планинско спасување на светскиот конгрес на ИКАР во Инсбрук

OhridNews