Над 200 милиони евра за десет години ќе инвестира Владата во рехабилитација, реконструкција и изградба на системи за наводнување. За една деценија според планот предвидено со вода за наводнување да бидат опфатени околу 85.000 хектари земјоделски површини, а исто толку и за одводнување.
Реализацијата на проектот ќе започне од почетокот на следната година. Документот за реализација на овој проект е изготвен и во наредните неколку месеци ќе биде отворена јавна дебата пред земјоделците, експертите, земјоделските компании и сите инволвирани страни. Овој проект е стратешки документ за понатамошен развој на системите за наводнување во државата и за развој на целокупното земјоделството.
Премиерот Никола Груевски на првата официјална презентација на Стратегијата пред претставници од земјоделските здруженија, и асоцијации, градоначалници, експерти и претставници од земјоделскиот сектор заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски вчера ги претставија идните планови за реализација на овој досега најопсежен инфраструктурен проект.
-Владата пред една година донесе заклучок со кој го задолжи министерството за земјоделство да изготви план за изградба, реконструкција и рехабилитација на системите за наводнување во државата. За таа цел во Владата беше формиран Комитет составен од професори, експерти и земјоделци. Тие изготвија документ со кој пред еден месец ја информираа Владата за предлог текстот на оваа стратегија, изјавил премиерот Груевски пред новинарите.
Министерот за земјоделство Љупчо Димовски истакнал дека Владата ќе инвестира над 200 милиони евра од 2015 до 2025 година, а според Акциониот план се очекува да се обезбеди технички капацитет на објектите од примарната мрежа за наводнување на минимум 80 до 85.000ха.
-Инвестирањето во водостопанската инфраструктура значи најдиректна инвестиција и во земјодејството. Наводнувањето е една од клучните компоненти за земјоделското производство, бидејќи климатските карактеристики и општата хидрометеоролошка состојба се такви да без наводнување поголемиот број земјоделски култури не би можеле ниту да се произведуваат, а оние другите би биле со многу мали и несигурни приноси, истакнал министерот Димовски.
Земјоделските здруженија се задоволни од десетгодишната стратегија и се надеваат дека со најавените инвестиции ќе го задржат производството.
OhridNews