За неполн месец, од почетокот на февруари, Управата за јавни приходи затворила повеќе од 300 објекти низ цела Македонија, пренесува „Макфакс“. Активностите УЈП ги спроведе во рамки на  кампањатав „Оние кои имаат намера да се стекнат со неправична и незаконска ’предност’ во однос на лојалната конкуренција“.

„И последните даночни контроли покажаа дека сивата економија е најприсутна кај трговијата на мало и услужните дејности“, велат од Управата, од каде што се додава дека 94 отсто од компаниите и граѓаните во земјата ги исполнуваат своите законски даночни обврски.

Само во текот на петокот било утврдено дека 62 објекти работеле со пари во готовина, коишто не ги регистрирале и не ги пријавувале за данок. Од тоа, најголем број неправилности во работењето биле утврдени во Кичево, и тоа кај 18 даночни обврзници.

Податоците од терен покажуваат дека поголемиот дел од затворените објекти регистрираат од 50 до 60 отсто од вистинскиот промет, а некои дури и ангажираат лица коишто треба да ја спречат даночната инспекција во вршењето на контролите.

Регистрирани, исто така, биле случаи кога самите сопственици не овозможиле увид во финансиската документација или, пак, на веќе затворените објекти самоиницијативно ги отстранувале печатите и лентите на УЈП, што претставува кривично дело за што им биле поднесени кривични пријави.

OhridNews
извор:„Макфакс“