Денеска во повеќе основни училишта од охридскиот регион, општинскиот Црвен крст во соработка со локалната самоуправа и Локалниот совет на млади, донираа над 300 прехранбени пакети наменети за децата од социјално загрозените семејства, во рамките на активностите по повод Денот и Неделата на гладта, програмата на градоначалникот Бакрачески „Донирај“, како и хуманитарните акции „Помислете на нас“ и „Од децата за децата“.
Ваквите активности имаат за цел да ги анимираат учениците да ја покажат својата солидарност и грижа кон сите оние на кои им е навистина потребна помош.
„Во рамките на активностите по повод Ден на гладта и Недела на гладта, веќе сме при крај со сето она што значи помош наменета за ранливата категорија граѓани, односно сето она што во изминатиот период го собравме како материјал по маркетите, односно од учениците. Денеска ги посетивме повеќето од училишта и доставени се онолку социјални пакети, колку што е побарано од институциите.“ – изјави Анета Вршкоска- Јованоска, од општинскиот Црвен крст.
Како што потенцира Вршкоска-Јованоска, за жал голем е бројот на ученици и граѓани, на кои им е неопходна социјлна помош.
„Социјалните пакети, кои соддржат продукти кои ги собиравме во изминатиот период се веќе спремни, а веќе од понеделник ќе бидат доставени до оние семејства кои припаѓаат на социјално загрозената категорија граѓани. Морам да напоменам, дека оваа акција е поддржана од локалната самоуправа, а голема благодарност до нив за разбирањето за важноста на ваквите активнсти. Тука се секако и оние на кои најмногу им веруваме и со кои највеќе соработуваме, а тоа е Локалниот совет на млади.“ – потенцира Вршкоска-Јованоска.
Во овие хуманитарни акции, активно беше вклучен и Локалниот совет на млади, чии членови денеска заедно со претставници на Црвениот крст Охрид и локалната самоуправа донираа пакети со прехранбени производи наменети за учениците од ОУ „Братство Единство“, односно ОУ „Григор Прличев“ од Охрид.
„Локалниот совет на млади при општина Охрид, уште еднаш ја докажаа својата хумана нишка. Со таа цел, денеска заедно со локалната самоуправа и Црвениот крст Охрид, ги посетивме О.У. Братство Единство, донирајќи пакетчиња со прехранбени производи за учениците од социјално загрозени семејства. Потенцираме дека Локалниот совет на млади при општина Охрид и локалната самоуправа и во иднина ке имаат слух за оваа категорија луѓе и ке ги поддржат ваквите акции, почитувајќи го начинот на солидарност и хуманост.“ – велат од Локалниот совет на млади.
O.T.