Богата културно уметничка програма и  бројни активности ќе го одбележат годинешното петдневно одбележување на празникот Богојавление Водици, кое се очекува да го проследат над 30.000 охриѓани и гости од земјата и странство. Се очекуваат гости од Србија, Бугарија, Албанија, Грција и цела Македонија.

Програмата ќе започне на 16 јануари, петок, во 19 часот со настап на голем број културно- уметнички друштва од градот. Следниот ден, на 18- ти јануари на градскиот плоштад со почеток во 20 часот концерт ќе одржи Каролина Гочева.

Во недела,  18- ти јануари, согласно традицијата и строгиот  пост нема да има музички манифестации, ќе се одржат неколку настани меѓу кои-  доделувањето на Светската награда за хуманизам која годинава ќе му биде доделена на претседателот на меѓународниот пен центар, Џон Ралстон Соул, во 19 часот во Куќата на Уранија. Претходно, на плоштадот ќе цртаат младите уметници од ликовната колонија Битолски Монмартр, а во 20 часот ќе биде прикажан документарен филм „ Водици во Охрид“, информира на денешната прес конференција градоначалникот Никола Бакрачески.

На 19 јануари, утрото во 7 часот во сите парохиски цркви ќе се одржат свети литургии, а во 9 часот, пред чинот на осветување на езерските води,  на централниот плоштад ќе настапат градски хорови, при што традиционално ќе се делат топла ракија, плашици и пача . Осветувањето на водите и фрлање на светиот крст ќе биде во 10 часот, а од 11 часот присутните ќе слушаат староградски рефрени изведени од ансамблот Блјана Јуниор.

Целта е специфичноста на одбележувањето на овој празник ја видат што повеќе гости и сметам дека успеавме  и Охрид на Водици станува центар на православието на Балканот. Од година во година бројот на гостите е поголем . Нашите сознанија се дека Охрид ќе биде полн во текот на петте дена. Ќе направиме се со цел сите да видат дека Охрид е навистина свет град, рече Митко Пендов од здружението Богојавление кое по 14 пат е дел од организацијата на одбележувањата по повод празникот.   

Истиот ден, на 19- ти јануари во 14 часот ќе се изврши и масовно покрстување на Сараиште. На 20 јануари, во 14 часот предвидено е капењето на рибарите и фрлањето на бурињата со вино, на што ќе претходи и настапот на староградските тајфи, а на малиот плоштад традиционално ќе се дели рибна чорба во чија подготовка годинава освен учениците и наставниот кадар од средното угостителско училиште, се придружува и хотел- ресторанот  Тино.

Во 17 охридски хотели деновите околу Водици сместувањето ќе чини од 10 до 25 евра, а попуст од 30% за услугите најавиле голем број охридкси ресторани.