Повеќе од 40 дечиња од Охрид и регионот го посетуваат Регионалниот центар за третман на деца со аутизам кој беше отворен на крајот на месец декември. „Центарот функционира одлично, а со децата работи стручен тим составен од експерти од повеќе области“, истакна при посетата на центарот министерот за здравство, Венко Филипче.
Центарот се протега на површина од 250 метри квадратни и располага со најсовремена опрема за потребите на децата кои го посетуваат. Единствено нешто што сеуште му недостасува на центарот се посебни, надворешни скали, со што би се избегнало посетителите на центарот секојдневно да минуваат низ детското одделение во болницата.
Од локалната самоуправа ветуваат дека и овој проблем наскоро ќе биде решен.
- Во буџетот за 2020 година имаме предвидено средства во висина од 600.000 денари за изградба на нови пристапни скали до центарот. Има одредени административни пречки во однос на урбанистичките планови, но сме во фаза на решавање на тој проблем и се надевам дека до почеток на летото новите скали ќе се направат, изјави градоначалникот Константин Георгиески.
Носител на проектот за изградба на центарот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“. Проектот се реализира со поддршка на Министерство на здравство, кое ги отстапи просторите за користење во рамки на Општата Болница, а реконструкцијата и опремувањето беше финансирано од страна на змбасадата Република Бугарија.
T.K.
















