Туристичкиот сектор е вратен на границите од 2019 година и постигнува дури и подобри резултати. Бугарскиот пазар за 2023 година е еден од најкритичните поради осетливоста и политичката состојба и ќе треба да се надохнадат помеѓу 75-100 илјади ноќевања од бугарските туристи кои во 2019 година беа во топ пет. Исто така, од албанскиот и косовскиот пазар по две години пандемија очекуваме бројката да не биде со намалување од 10% бидејќи истражуваат нови пазари, рече на денешната прес конференција директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски, земајќи ги предвиде податоците од првите пет месеци во 2023 година, како и за месеците јуни и јули.

Потенцираше дека во 2023 година најголемиот пазар е турскиот со зголемување од 66%, потоа српскиот со 30%, португалскиот и други одредени пазари, рече

Ова се споредбени податоци за двата туристички центри Скопје и Охрид и нивно враќање на нивото од 2019 година. Немаме ниту забележан пад на домашните туристи, што е голем успех. Очекувам 2023 година падот на домашните туристи да не биде поголем од -5%, но зголемувањето на странските туристи да биде значително поголемо претежно од пазарите како што е Словенија, Хрватска, БиХ, Холандија, Велика Британија, Полска кои веќе оперираат од мај и јуни со поголем број на чартери во нашата дестинација и со месец јуни да бележиме позитивни резултати кога е во прашање 2019 година, вели Јаневски.

Туристите, додава Јаневски, се повеќе се задржуваат во дестинацијата, просечниот престој им е поголем и нивната просечна потрошувачка. Девизниот прилив е значително зголемен. Туризмот во македонската економија во овој момент ангажира повеќе од 35 илјади вработени, односно помеѓу 5-6% од работната сила во државата, а со сезонските вработувања помеѓу 40-43 илјади вработени.

Во овој момент според податоците на ХОТАМ и другите туристички работници капацитетите во Охридскиот регион се над 90% полни и во приватното сместување и во хотелските комплекси, а букирањата се до средината на октомври, потенцира Јаневски.

Воедно истакна дека мора да се почитува Законот за туристичка дејност и истиот да се спроведува на терен.

Наредните денови планирам да посетам повеќе општини и локалитети каде треба да имаме кустоси кои ќе ги пречекаат туристите и да им ја кажат историјата на вистински и автентичен начин. Не е дозволиво да имаме туристички работници од други земји кои ја извртуваат историјата, а ние сме тие кои ќе го регулираат пазарот. Апелирам до институциите, туристичките работници, тур оператори, градоначалници да го спроведуваат Законот за туристичка дејност кој што е под локално ниво, да ангажираат и да дадат полномоштво на вработените во институциите, на туристички инспектори кои ќе овозможат во дестинациите регулирање на Законот.

Истакна дека фокусот во 2024 и 2025 година е АППТ конечно да прерасне во Национална туристичка организација, да има нов систем на субвенционирање насочен кон развивање и вложување во домашни капацитети и дестинацијата, да има повеќе од 3,7 милиони ноќевања и 600 милиони долари од туризмот или повеќе од 4% во БДП.

Повеќе ќе се фокусираме на руралниот туризам, еногастро концептот, како и комплетна дигитализација на туристичката индустрија, потенцираше Јаневски.

Н.С.Ј.