Со голем број активности ОО Црвен крст Охрид денес го одбележува 5-ти Декември, Светскиот ден на волонтерството. Активностите започнаа со Отворениот ден каде што сите заинтересирани лица кои сакаат да бидат активни и да се зачленат во организацијата, да бидат корисни за заедницата, можат да ги посетат канцелариите и да пополнат пристапница, но истовремено и да се запознаат со волонтерите и активностите во Црвениот крст.
Во насока на информирање на младите и потенцијални волонтери беше одржано предавање со учениците од ОУ „Григор Прличев“, подрачно училиште во н. Рача, каде беа запознаени со лепезата на активности кои ги спроведува оваа организација, но и како и каде можат да се вклучат тие.
Ученичката Елена Спироска истакна дека ова била одлична можност за неа и нејзините соученици да дознаат што значи волонтеризмот и како младите луѓе можат да придонесат во општествениот живот.
Преубаво искуство, презентацијата беше многу поучна и ни е мило што дојдовме. Не знаевме дека можеме да бидеме волонтери во ОО Црвен крст Охрид. По ова предавање имам голема желба да бидам волонтер. Да се биде волонтер значи да се помага на луѓето со посебни потреби, на децата што немаат родители и слично, рече Спироска.
Во оваа приказна за Црвениот крст и посебно за волонтерите ми беше голема чест и задовоство да ги вклучам баш учениците од подрачното училиште во Рача, зошто голем дел од нив не присуствувале овде, ниту биле дел од овој тим и посебен поттик ни беше да учествуваат на оваа вистинска приказна која кај нив ќе ја развие хуманост, доброволноста и се надевам поголем број од нив ќе влезат како членови во оваа организација, рече Анастасија Настеска, педагог во училиштето.
Постојано сме во соработка со организации кои поттикнуваат хуманитарни, доброволни, социјални активности, но сепак ОО Црвен крст е организација која може да ги поттикне нашите млади генерации да помагаат. На децата им беше голем предизвик да присуствуваат на ова предавање зошто најчесто некогаш застануваме на некои граници, а сметам дека ова ќе ги помине тие граници и ќе биде поголем поттик за понатаму за сите дечиња да го сфатат вистинското место. Приказната голем дел не ја слушнале и ова беше одлична прилика да се запознаат одблиску со Црвен крст Охрид, додаде Настеска.
Во рамки на одбележуваето денес се предвидени и дружби на повозрасните волонтери и вработените во Црвениот крст кои дале свој придонесе во градење на оваа организација, а за крај на денот во 18 часот е подготвена средба со родителите на млади волонтери од ПХВ програмата промоција на хумани вредности кои беа најзаслужни Црвениот крст годинава да го добие признанието за најдобра хуманитарна организација во целата држава. Тие ќе имаат презентација на проектите што ги направиле, вели претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Волонтерството по дефиниција е доброволна активност, која единствено е инспирирана од слободната волја да се помогне некому без желба да се добие финансиски надомест или материјална корист. Горди сме што голем број волонтери, над 1.000 ги имаме во Црвен крст Охрид, се посветени на нашата организација и на волонтерството и преку одработување на волонтерски часови се изградуваат себе си и како личности и како единки и се надградуваат во добивањето голем број обуки и искуства кои ги стекнуваат тука за понатаму да можат да бидат достојни личности. Она што е нашето мото и постојано го повторуваме дека постојат многу повисоки вредности од она што денеска насекаде го чувствуваме, а тоа е трката по пари. Овде вредностите се морални и доста високи. Нив ги практикуваме и гледаме да ги „инфицираме“ младите што повеќе да знаат како може да бидат корисни и да помогнат на оние што им е потребно, истакна Точков.
Додава дека возрасна граница не постои за волонтерите, а овде ги има од 7 до 77 годишна возраст и сите тие го наоѓаат своето место и своето уживање тука во Црвениот крст.
Нашите програми ги конципираме да можат да се вклучат волонтери од сите возрасти и да можат да бидат корисни во заедницата. Интересот кај волонтерите е континуиран и значителен овде во Охрид на тоа посебно работиме. Имаме посебна стратегија за менаџирање со волонтери, една од малкуте земји во светот која има стратегија за волонтерство. Ние тоа го применуваме и ги анимираме и мотивираме волонтерите, посебно младите. Возрасните се веќе изградени личности и тие знаат каде е вредноста. Ги имаме во голем број. И младите гледаме да ги насочиме на оние моменти и сегменти од животот кои нив им се практични и корисни и во секојдневниот дел од животот, но и за она што значи сегашност и корист за нивното школување и дружење со врсниците. Токму и обуките од врснички едукации за ментално здравје, за сексуално преносливи инфекции и сешто постои во светот се многу корисни, ги привлекуваат младите волонтери и горди сме што голем број членуваат и волонтираат кај нас, додаде Точков.
Потенцираше дека Црвениот крст како најголема волонтерска организација во светот со над 130 милиони волонтери е лидер за менаџирање со волонтерите, но и за пронаоѓање на најдобриот начин една индивидуа да се пронајде себеси и да биде корисен за заедницата и за општеството во целина.
Н.С.Ј.