Шпанскиот тенисер Рафаел Надал рече дека првото место на АТП листата повеќе не е негов приоритет, но дека наредната година ќе се обиде да ја освои десеттата титула на Ролан Гарос.


Надал минатата сезона имаше многу проблеми со повредите, а пред време замина на одмор поради воспаление на слепото црево. Годината тој ја заврши на третото место на АТП листата, зад Ѓоковиќ и Федерер.

„Првото место повеќе нема да ми биде приоритет. Доколку станам број 1 поради резултатите тоа ќе биде одлично, но тоа нема да биде целта во 2015. Ќе го следам својот распоред“, рекол Надал.

„Моја најголема цел ќе биде да играм што е можно подолго. Нема да ги ризикувам најдобрите години во кариерата само поради првото место на АТП листата. Моја цел е да бидам среќен и мислам дека сум среќен“, дополнил Шпанецот.

Рафа Надал во кариерата трипати годината ја завршувал на првото место (2008, 2010, 2013), на чело на АТП листата минал 141 недела.

Новата сезона Надал ќе ја започне на егзибицискиот турнир во Абу Даби.

 

„Макфакс“