Шпанскиот тенисер Рафаел Надал ја освои титулата на мастерс турнирот во Рим. Надал во финалето го совлада Новак Ѓоковиќ со 2-1 во сетови (6-0, 4-6, 6-1). Со триумфот во Рим, Шпанецот ја оправда фаворитската улога на турнирите кои се играат на земја.

Најмногу во очи на светската јавност падна првиот сет, кој, Надал го доби без изгубен гем, што не е честа случка во дуелите на двата најдобри тенисери моментално.

  • Лично не ме интересира дали сетот ќе го добијам со 6-4 или 6-0. Играв добар натпревар во сите аспекти. Бев агресивен, лесно го менував правецот и не грешев. Вакви денови и перформанси се случуваат, но тешко се повторуваат. И во вториот играв исто како во првиот, но и Ѓоковиќ беше на ниво. Во третиот, Ѓоковиќ испушти неколку прилики јас ги искористив и го скршив натпреварот. – изјави Надал.

Српскиот тенисер кој се` уште е водечки на АТП листата смета дека заморот си го направил своето и оти Надал не му укажал прилика да се натпреварува во првиот и третиот сет.

  • Многу ми е мило што се вратив во игра во вториот сет и изборив трет иако бев збришан во првиот. Во третиот сет имав прилики, но Надал играше на високо ниво и не успеав. Ми недостасуваше гас, задоцнував по пола чекор на вратените топки и со вакви пропусти не можеш да се надеваш на победа во финале. – рече Ѓоковиќ.

Двајцата тенисери немаат премногу време за одмор, бидејќи веќе за една недела почнува вториот грен слем турнир Ролан Гарос.

OhridNews