Поранешниот декан и актуелен професор на факултетот за Драмски уметности и директор на Фондацијата Институт отворено општество, Владимир Милчин соработувал со тајните служби.

Комисијата за верификација на фактите, попладнево утврди и донесе решение дека неговата писмена изјава не одговара со податоците со кои располага Комисијата.

Претседателот на Комисијата, Томе Аџиев изјави дека одлуката била донесена со мнозинство гласови, но не сакаше да открие колку од членовите на Комисијата гласале „за“, а колку мина биле против. Тој само потврди дека двајца членови на Комисијата не биле присутни, а некои ја напуштиле седницата.

Неофицијално, тројца од членовите на Комисијата не се согласувале со постапката и ја напуштиле седницата, тие тврделе дека денешното решение е донесено без потребниот кворум.

Решението на Комисијата ќе биде изготвено денеска и ќе биде доставено до Владимир Милчин, тој има право во рок од осум дена, по примањето на решението, да поднесе тужба пред Управниот суд и евентуална жалба до Вишиот управен суд.

Професорот на Факултетот за драмски уметности, Милчин целата процедура на Комисијата ја оквалификува како политички линч против него. Притоа Милчин обвини дека крајната цел била неговата Фондација, која се борела за слободата и демократијата. Милчин тврди дека бил следен од службите во поранешна Југославија, а не дека соработувал со нив.

Ohridnews
извор: Makfaks