Неколкуте стотини пожари што се случија во регионот од почетокот на годината, ги алармираа надлежните институции. Одржан е работен состанок помеѓу  претставници на СВР Охрид, Територијалната противпожарна единица, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот инспекторат за шумарство, Дирекцијата за заштита и спасување, Јавното претпријатие-шумско стопанство „Галичица“, шумската полиција и на Центарот за управување со кризи, на кој биле договорени мерки за заштита и превенција од пожари.

Договорени се конкретни плански и зачестени координирани мерки на сите служби и поефикасна меѓуинституционална соработка како и нагласена и доследна примена на законските казнени одредби кон лицата кои ќе бидат затекнати како подметнувачи и предизвикувачи на пожари. На превентивен план, предвидени се средби со жителите од сите населени места во општините Охрид и Дебрца, со цел нивно информирање за правилниот начин за расчистување и палење на стрништата и необработливите површини и истовреман заштита на соседните ниви и објекти. Договорени се мерки и со Јавните комунални претпријатија и со градежниот инспекторат за спречување фрлањето шут покрај пристапните патишта до шумите како и зачестени контроли на обработливите земјоделски површини од Инспекторатот при Министрество за земјоделство. – било заклучено на состанокот.

Исто така, предвидена е обнова на ознаките за предупредување поставени по шумските терени како и формирање повеќе работни групи кои ќе ги запознаваат граѓаните за безбедносните мерки и казнените одредби.

Бројот на пожари во охридско во првиот квартал од годината е зголемен повеќе од двојно во споредба со изминатите години.

OhridNews