Од стапувањето во сила на Законот за домување до сега регистрирани се 2.086 заедници на сопственици на станови и издадени се шест лиценци за управител, а за едно барање во тек е постапка за одлучување, информира министерството за транспорт и врски.

Станарите се должни до 1 април годинава да регистрираат заедница на сопственици или да определат управител, а регистрацијата на заедницата на станари во Централниот регистар чини 2.452 денари.

Оваа обврска важи за станбените згради со повеќе од двајца сопственици или повеќе од осум станови.

Доколку до овој рок станарите не определат управител или не регистрираат заедница на станари тогаш на барање на овластениот инспектор ќе биде определен управител од страна на судот во вонпарнична постапка.

За регистрирање на заедница на сопственици потребни се следните документи:Одлука за формирање заедница на сопственици, Одлука за донесување на статус, Статут на заедницата на станари, Одлука за избор на претседател, План за одржување на станбената зграда, Договор за заемни односи меѓу сопствениците на посебните делови на зградата, Куќен ред согласно правилникот и станрадите за домување и Записник од конститутивниот состанок на собирот на сопственици.

Од министерството апелираат до општините во најкус можен рок да назначат инспектори за домување, потенцирајќи дека мал е бројот на општините што досега назначиле вакви инспектори.

За непочитување на одредбите од Законот се пропишани глоби во износ од 300 до 800 евра во денарска противвредност.

OhridNews