По две недели најави дека викендов Македонија ќе ја зафати невреме проследено со интензивни врнежи од дожд и силен ветар и бројни известувања по медиумите дека кризниот штаб подготвено ја следи состојбата и се преземаат сите неопходни мерки за навремено справување, временските неприлики повторно ги изненадија надлежните. По втор пат зимава падна снег и повторно се соочивме со блокирани патишта и завеани патници кои се препуштени на самите себе. Никаква интервенција од надлежните служби, никаква координација која би се очекувала во вакви услови, освен известување дека има забрана за движење на товарни возила на планинските премини, која очигледно возачите на камиони не ја чуле бидејќи биле во своите возила, а не пред телевизор гледајќи вести.Па како и минатиот пат кога снегот принуди стотици патници со часови да дремат по македонските патишта, така и овој пат.Стотина патници кои патуваа од Битола кон Охрид, во доцните вечерни часови беа блокирани помеѓу преминот Буково и селото Свињишта поради испречени камиони на патот, на кои никој ниту ги спречил ниту известил дека не треба да се искачуваат на планинскиот превој.
– Патот беше прооден и покрај врнежите од снег, но кога го минавме Буково и се приближувавме кон селото Свињишта наидовме на испрепречен камион на патот. Нашиот автобус мораше тука да сопре и побаравме помош од Центарот за управување со кризи. Ни ветија дека ќе испратат две возила едно од правец на Ресен и друго од Охрид да ни помогнат, да го подисчистат снегот од патот за да може да го одминеме камионот и го продолжиме патувањето. Но, по два часа од центарот добивме известување дека возилата нема да пристигнат, дека не сакаат да го преземат ризикот и тие да заглават и дека сме препуштени самите на себе.Пристигна единствено едно полициско возило кое немаше можност да ни помогне, раскажуваат патниците од автобусот.
Патниците меѓу кои имаше и деца беа принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат па дел од нив повикаа такси возила за да ги превезат до Охрид.
– Откако сопругот на една од патничките пристигна со возило да ја земе и видовме дека патот до местото каде бевме блокирани е исчистен и прооден за патнички возила и останатите повикавме такси. Моравме и покрај студот и мракот да пешачиме неколку метри за да дојдеме до такси возилата кои не можеа да поминат поради камионите. И конечно по неколку часови поминати на превојот, околу 6 часот утрово пристигнавме во Охрид. Ова е голем срам за државата и надлежните. Повторно потфрлија и ништо не презедоа за своите граѓани.Благодарение на тоа што после снегот почна да врне дожд кој го стопи и што бевме блокирани на неколку километри од Охрид, успеавме да си дојдеме дома, во спротивно можеби како за новогодишните празници уште ќе бевме на Буково , велат патниците.
Од досегашното искуство кое го имаа стотици граѓани зимава, најдобро е да се надеваме и молиме повторно да не падне снег и да не се случи невреме од поголеми размери, бидејќи повеќе од јасно е дека не треба да се ослонуваме на координираноста или умешноста на надлежните дека соодветно ќе реагираат и преземат мерки за заштита на сопствените граѓани.
Тања Кувенџиска













