Според министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи програмата „Глобе“е добро прифатена како од наставниот кадар, така и од страна на учениците во Република Македонија.
– Се надеваме дека во наредниот период, работејќи со еднаква посветеност и со интензивирање на соработката со сите заинтересирани субјекти, ќе успееме да ја прошириме мрежата во повеќе училишта во земјата, рече Јакупи.
Министерот за образование и наука Никола Тодоров истакна дел една од целите на образованието во Македонија е и развивањето на свеста и грижата кај учениците за значењето на здравата околина.
– Тоа се постигнува со унапредување на здравиот начин на живеење и преку воспитување на учениците за преземање одговорност за сопственото здравје и заштита на околината, рече Тодоров.
Пред учесниците на конференцијата се обрати и Амбасадорот на САД во Македонија, Филип Рикер, кој изрази задоволство што меѓународата мрежа „Глоуб“, како американска иницијатива покрената пред 15 години, послужи како златен стандард на денес општо познатата мантра „мисли глобално-делувај локално“. Тој потсети на бројните активностите и проекти што преку УСАИД, се спроведени во Македонија, особено во областа на заштитата на животната среина.
– Моменталната и идната помош во овие и во други важни домени ќе дадат свој придонес во напорите на Македонија да ја озелени својата економија и да ја заштити нашата заедничка животна средина, истакна Рикер.
Учесниците на конференцијата ги поздрави градоначалникот на Охрид Александар Петрески, кој истакна дека нејзиното одржување во Охрид е од големо значење за градот.
По завршувањето на протоколарниот дел се одржа прес конференција, но високите функционери вешто ги одбегнаа одговорите на прашањата за актуелните проблеми во Охрид, кои беа фокусирани на забрзаната урбанизација и атакот врз зелените површини. Овие прашања иако ја засегаат целата јавност останаа неодговорени, бидејќи според присутните на пресот биле надвор од темата на конференцијата, за што им беше забележано на новинарите.