Денес во координирана акција на ЈУНП Галичица, Гранична полиција ПС за ГП И ГН-Св. Наум, СВР Охрид и пазарната инспекција беа преземни соодветни мерки за дислоцирање на дивите кампери од плажата во Љубаништа и оневозможување на повторно поставување.

На местото викано Рајца во граница на НП Галичица, село Љубаништа најдени се над 20 диви кампери кои ја загрозуваат животната средина. Во моментот се затекнати и неколку несоодветно направени септички јами со што дополнително се загадува животната средина. Наредено им е да се дислоцираат, напишани се мандатни казни и соодветни пријави. Во склоп на акцијата беше пуштена и градежна машина булдужер која изврши некои зафати на парцелата во сопственост на РСМ кои понатаму ќе ги оневозможат дивите кампери да се населуваат на тоа место, информираат од ЈУНП Галичица.

Со оглед дека станува збор за слободен простор кој не е уреден и нема соодветни услови за кампување, односно нема тоалети, контејнери, дополнително се загадува животната средина и воедно една од најубавите плажи на источното крајбрежје.

Искуството години нананзад, за жал, говори и дека воопшто не се води сметка за природата и потребата од одржување на хигиената на просторот, поради што по заминување на дивите кампери од страна на надлежните служби се собираат огромни количини отпад.

Н.С.Ј.