Будно се следи состојбата на енергетскиот систем во Македонија. Досега состојбата е стабилна , а компаниите и граѓаните мора што порационално да ја трошат електричната енергија, беше изјавено на денешната прес конференција на Комисијата за кризна енергетска состојба.

Министерот за економија Ваљон Сараќини изрази задоволство од успешната соработка со општините, кои се придржуваат кон  донесените мерки на владата во однос на енергетската криза. Од страна на комисијата беше упатен апел за почитување на препораките за штедење на електричната енергија со цел  да не дојде до влошување на состојбата  и воведување на рестрикции.

Како што беше информирано од ЕВН Македонија, дефекти во мрежата нема, состојбата со снабдувањето со електрична енергија во државата е стабилна, освен во дел од планинските места.

Со донесениот план за дополнителни мерки за штедење, за само еден ден остварена е заштеда од 1.035 мегават часови или 3,9% во однос на тарифната потрошувачка.

 За месец март се очекува порелаксирана состојба на енергетскиот систем со  оглед на тоа дека во овој период од годината доаѓа до помала потрошувачка на електрична енергија.

OhridNews