Сликата на охридското крајбрежје овие денови е жална. Расфрлани пластични шишиња и најразличен друг цврст отпад буквално ги затрупаа плажите. Надојдените реки ги „измија“ коритата од ѓубрето кое тука го фрлаат несовесните граѓани и го донесоа во езерото.
Фотографиите се од плажите во населбата Далјан, каде отпадот се зголемува со секој бран од езерото.
Покрај цврст, езерото кое е дваесетина сантиметри над максималната кота исфрла и големи количини трска и друг органски отпад, кој службите задолжени за јавната чистота не можат да стигнат да го расчистат.
Грдата слика на охридското крајбрежје говори за ниското ниво на еколошка свест на овие простори и покрај тоа што Охрид и Охридското Езеро се прогласени за светско културно и природно богатство заштитено од УНЕСКО.
Фото: Ѓоко Смилески