Здружение за поттикнување на развојот на книжевноста и други уметности „Креативна верига“ во вторник ќе ја додели Наградата за наjдобра необјавена песна за деца „Тоде“, што се доделува во чест на охридскиот поет, есеист, книжевен критичар, енигматичар и шаховски проблематист, Тоде Илиевски.
Наградата ја воведовме годинава, со надеж да стане традиционална. Со овој настан достојно ќе му оддадеме почит на Тоде Илиевски, кој остави трајни вредности во општественото живеење, а посебно во книжевноста за деца во Охрид, Македонија и во меѓународни рамки, велат од „Креативна верига“.
Од Здружението информираат дека на 7 март се одбележуваат 71 година од раѓање на Иливески, додека наградените песни и песните што ќе влезат во потесниот избор ќе бидат објавени во шестиот број на електронското списание „(е)Лит“.
Настанот ќе се одржи во просториите на Библиотеката „Григор Прличев“ – Охрид, со почеток во 13:00 часот, а истиот е организиран со поддршка од Општина Охрид.
OhridNews