Добитник на највисокото општинско признание, наградата Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид за 2017 година е проф. д-р Никола Бошале.

Наградата ја доделува градоначалникот на општина Охрид Јован Стојаноски на предлог на стручна комисија.

Како што беше истакнато на прес конференцијата одржана денеска, пет предлози ги исполнувале критериумите, а градоначалникот Стојаноски го прифатил  предлогот на комисијата наградата за животно дело Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид оваа година да му биде доделена на проф. д-р Никола Бошале.

Никола Бошале е роден 1929 година во Охрид. Тој е доктор по социологија, исклучително плоден научен работник и истражувач, книжевник и есеист.

-Тој е во моментот најдобриот познавач и хроничар на живот во Охрид. Неговите дела се убава промоција и популаризација на охридските непресушни ризници. Творештвото на д-р- Никола Бошале треба да биде задолжителна лектира за секој охриѓанец за да добие или ги прошири своите сознанија за материјалното и духовно наследство на Охрид и ќе извлече големи поуки за сите вистински вредности на Охрид што треба грижливо да се чуваат и негуваат. – изјави градоначалникот Стојаноски на објавувањето на добитникот на наградата.

Никола Бошале повеќе од половината книги ги има посветено на Охрид. Придавката охридски е во голем дел од насловите на книгите: охридски Климент, охридски флоридус, па охридската визита, охридските трубадури и охридски длаборез и уште античкиот театар во Охрид и милоста кон Езерото (секако Охридско).  Иако најголемиот дел од животот го минал надвор од Охрид, тој секогаш својот град го носи во себе. Затоа сметам дека годинашната награда, Патрон на градот “Свети Климент Охридски“ е во вистинските раце, истакна Стојаноски.

-Дозволете ми во свое име и во име на Општина Охрид да му ја упатам првата честитка на проф. Никола Бошале и да му посакам добро здравје и уште дела посветени на нашиот Охрид. – додаде градоначалникот Стојаноски. 

OhridNews