До Агенцијата за електронски комуникации пристигнале голем број на приговори од корисници кои се однесуваат на наградни игри организирани од даватели на услуги преку операторите на мобилна телефонија во Р. Македонија.

– Секој пристигнат приговор ќе биде внимателно проучен од инспектор за електронски комуникации и ќе биде постапено со инспекциски надзор и ќе биде донесено соодветно решение. Секаде каде што инспекторот ќе утврди неправилност, приговорот на корисникот ќе биде усвоен и операторот ќе биде задолжен да изврши поврат на средствата. Тоа ќе бидат случаи кога корисникот во претплатничкиот договор не дал согласност за директен маркетинг или не дал согласност за учество во наградната игра-соопшти Агенцијата за електронски комуникации.

Оттаму известуваат дека доколку претплатникот не сака да биде изложен на директен маркетинг од страна на својот оператор (како пример, рекламирање на наградна игра), да провери во својот претплатнички договор дали има дадено согласност за директен маркетинг и во случај да има, да ја отповика.

-Пред да даде согласност за учество во наградна игра, претплатникот да ги простудира официјалните правила на наградната игра кои, согласно законските прописи мора да бидат јавно објавени-велат од Агенцијата за електронски комуникации.

За дополнителни информации Агенцијата ги упатува граѓаните да се обратат на бесплатниот број 190 или по електронски пат на www.komuniciraj.mk.

OhridNews