При неодамнешната посета во Охрид, министерот за здравство Никола Тодоров најавил дека министерството за финансии издало одобрение за нови 40 вработувања во јавните здравствени установи во градот, дознава OhridNews.

Ќе се вработуваат лекари специјалисти, медицински сестри и останат помошен персонал, согласно извршените анализи и потреби на здравствените институции.

При тоа се очекува конечно да се реши и проблемот со немањето ренгенолог во Одделението за радиологија при Општата болница.

– Во процедура е да се изврши преземање на ренгенолог од друг град кој потоа ќе биде вработен во општата болница, а од наредната година се очекува да започне со работа уште еден специјалист кој во моментов е на специјализација, велат од Општата болница.

Кадарот во општата болница ќе се зголемува и со доаѓање на врвни специјалисти од земјава и странство, кои во рамки на владиниот проект, ќе вршат прегледи врз основ на однапред склучени договори, но без плаќање на соодветен надоместок.

Најавите за нови вработувања се очекува да бидат реализирани до крајот на оваа година.

Т.К.