На денешен ден пред 9 години официјално со работа започна првиот информативен интернет портал во Македонијa “www.ohridnews.com”. Внесувајќи нов тренд во информирањето, цврсто држејќи се до професионалните норми и стандарди, во изминатите девет години OhridNews изгради доверба кај читателите на релевантен извор на информации.

За 9 години постоење OhridNews продуцираше над 90.000 информации, стотици видео емисии, интервјуа, вести… Секојдневно порталот го посетуваат околу 15.000 читатели кои остваруваат близу 70.000 прегледи, што го прави OhridNews убедливо и без конкуренција најпосетуваниот и најдобар информативен интернет портал во поширокиот регион.Трета година по ред порталот со најголема доверба кај охриѓани е номиниран во националниот избор за најдобар портал во Македонија во три категории. Според најновата анкета објавена од Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ),OhridNews го зазема високото десетто место во Македонија како извор на информирање на граѓаните за политички вести од интернет и информативни портали. Зад OhridNews се веб портали на национални телевизии, весници и интернет сајтови. 

OhridNews во изминатите девет години покрај висок професионализам и објективност по што е препознатлив, покажа исклучителна општествена одговорност поддржувајќи бројни хуманитарни, еколошки, спортски, културни и други проекти. За својот придонес во афирмацијата на Охрид, OhridNews во 2008 година го доби највисокото општинско признание Св. Климент Охридски – патрон на градот, а во 2010 година стана првиот информативен портал во Македонија кој ја доби Националната награда за придонес во развојот на демократските процеси што ја доделуваат МИМ, Институтот за развој на медиуми и УСАИД. 

Низ годините OhridNews растеше кадровски и технички се подобруваше и осовременуваше, воведувајќи нови содржини и поставувајќи стандарди кои се репер за квалитетно информирање. OhridNews меѓу првите започна со емитување на високо професионално изработени видео прилози и емисии и реализација на преноси од настани во живо на интернет. 

Но најмногу од се горди сме на високата доверба која ни ја укажуваат илјадниците читатели кои девет години се будат и легнуваат со OhridNews, не следат, подржуваат, но и не корегираат и критикуваат на што им сме посебно благодарни. И натаму ќе продолжиме да ги информираме објективно и навремено за сите случувања од интерес за јавноста, доследно почитувајќи ги новинарските стандарди и етички норми. Посебна благодарност изразуваме до нашите клиенти. Дел од нив се со нас од самиот почеток што говори за високата доверба што порталот ја ужива во бизнис заедницата. Заедо со нив 9 години чекориме по патот на успехот.

Ваш „OhridNews“.