– Убедена сум дека овој концерт ќе и донесе на публиката едно неповторливо доживување, а ние ќе запишеме уште едно големо име од светската елитна сцена во богатата фестивалска историја, рече на денешната прес конференција директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска.
Како што потенцира селекторката на музичкиот дел од фестивалот, Гордана Јосифова- Неделковска, станува збор за уметник со моќен глас, вродено чувство за музика и природно легато.
– Хворостовски има освојувано многу награди насекаде низ светот , има настапувано во многу оперски куќи, со многу уметници со звучни имиња како Рене Флеминг, Суми Јо, Сандра Радвоноски, со светски познати оркестри меѓу кои Филхармониските оркестри во Њу Јорк и во Ротердам. Секој негов настап е проследен со многу позитивни коментари и критики, рече Јосифова- Неделковска.
За најновото издание на Охридско лето, Неделковска најави квалитетната, уникатна, атрактивна и возбудливата програма, исполнета со учество на многу познати и светски уметници.
На 17 Јули ќе се одржи концертот на светски познатиот виолончелист Антонио Менезес, кој ќе настапи придружуван од пијанистката Олга Зародоужниоук. Музичката програма на Охридско Лето 2013, на 19 август, ќе се затвори со атрактивен концерт на неверојатниот виолинист Немања Радуловиќ во придружба на пијанистката Сузан Маноф.
Како посебно музичко изненадување за публиката се најавува настапот на светската атракција- спектакуларната група Бонд, гудачки квартет составен од четири талентирани, креативни и атрактивни девојки, кој ќе се одржи на 27- ми јули на сцената на Антички театар.
– После седум години преговарање, работа, труд и трпение, конечно големата атракција БОНД на 53- то издание на Охридско Лето. Изминатите години имаше неколку обиди концертот на БОНД да се реализира во Скопје, но ваква светска атракција заслужува да биде претставена за прв пат во Македонија исклучиво на Охридско Лето. Верувам радоста ќе ја споделиме со многубројната публика што ќе го посети овој концерт. БОНД е група која ја црпи својата инспирација од класичната, латино, џез, фолк, рок, поп, електро музиката. Нивниот успех е препознаен насекаде на Земјината топка. Минатата година БОНД имаа спектакуларен настап заедно со Расел Бренд на церемонијата со која се затвараа Олимписките игри во Лондон, вели музичкиот селектор на Охридско лето, рече Гордана Јосифова- Неделковска.
Исклучителни изведби, премиери и возбуди за најновото издание на фестивалот најавува и селекторот на драмската програма, Ѓорѓи Јолевски.
– Отворањето на драмската програма ќе ја започнеме на 13 јули, со премиерната изведба на претставата „ Мизантроп „ од Жан Батист Поклен Молиер во режија на Драгана Милошевска во продукција на НУ Турски театар од Скопје. Втората претстава од репертоарот на драмската програма на Охридско лето 2013 која би сакал да ви ја претставам е фантастичната политичка сатира која ни доаѓа од срцето на Обединетото Кралство, од Лондон. Претставата што ќе се одигра на 24 јули во предворјето на Св. Софија е “ Спортска претстава „ од австриската авторка Елфриде Јелинек во режија на Ванда Бутковиќ а во продукција на Јуст а Маст театар од Лондон. Како трета ја најавувам претставата која ни доаѓа од Хрватска, од древниот Дубровник, “Браќа Карамазови„ од Фјодор Достоевски, режија Дејан Пројковски во продукција на театарот „Марин Држиќ„ од Дубровник, најави Јолевски.
Првите луѓе на „Охридско лето“ за најновото, како што рекоа, спектакуларно издание на фестивалот, најавуваат уште многу други пријатни изненадувања кои публиката ќе може да ги види во текот на 40- те вечери. Во тек се преговори со светски имиња и за наредното издание на овој реномиран фестивал.