Од почетокот на летната туристичка сезона, спасителите на вода на охридското крајбрежје, извршиле пет интервенции во случај на активни давеници и над 30 укажувања брза помош. Во најголемиот број случаи предмет на интервенцијата се деца, но и возрасни кои не ги почитувале препораките на спасителите на вода, информира претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков.


–    И покрај тоа што постојано се даваат совети од наша страна и од страна на спасителите на вода, има голем број возрасни кои одат во вода иако претходно конзумирале алкохол, иако се непливачи тоа не го пријавуваат кај спасителите, или пак влегуваат во вода непосредно по ручекот или одкако долго време биле изложени на сонце, вели претседателот на Црвен крст- Охрид, Сашо Точков.

Точков потенцира дека годинава позитивно е тоа што мал е бројот на инцидентите предизвикани при возењето и издавањето на педалинки, како што тоа беше случај минатата година.


Во поголема мера се почитуваат правилата при издавање на педалинките, а за тоа придонесува и превенцијата која ја спроведуваме преку спасителите кои редовно ги опоменуваат лицата кои ги издаваат педалинките, укажувајќи им на задолжителното давање појаси и почитување на правилата околу бројот на лица кои можат да се качат на педалинката, вели Точков.

На охридското крајбрежје, уште 7 од плажите издадени под концесија не ги исполнале безбедносните критериуми. Од општинскиот Црвен крст се оптимисти дека и тие преостанати плажи наскоро ќе побараат соработка и ќе се одлучат да ја зголемат безбедноста на капачите.

OhridNews