Во Македонија, во однос на перцепцијата за корупција на институциите најлошо стојат политичките партии, судството, јавната администрација и полицијата, покажа најновиот Барометар на глобалната корупција за 2013, а Македонија се вбројува во друштво на Кипар, Ерменија, Летонија, Чешка, Косово, Романија, Шри Ланка, Судан, Тајланд и Тунис, пренесува „Макфакс“.

Вкупно 17 отсто од анкетираните во земјава се изјасниле дека дале поткуп на некоја од деветте наведени даватели на услуги,  а од нив 19 отсто велат дека имале искуство со давање поткуп во полиција, 16 во судството, 13 во здравството и 10 отсто во образованието.

Споредбено со регионот Македонија се наоѓаа некаде на средината.

Најмногу поткуп има во Албанија, каде дури 72 отсто од граѓаните рекле дека се соочиле со тоа, потоа во БиХ – 28, Србија 26, Косово 16, и најмалку во Хрватска, само четири отсто.

Митото и корупцијата растат, а довербата во политичките партии и политичарите опаѓа на глобално ниво, покажува најголемото светско истражување на јавното мислење за корупцијата на Транспаренси Интернешнл. Барометарот на глобалната корупција 2013 кое утврди дека во многу држави не им се верува на институциите кои се борат против корупцијата и друг вид на криминал е всушност истражување кое е спроведено на 114.000 граѓани во 107 држави, вклучувајќи ја и Македонија.

Барометарот потврди криза на довербата во политиката и реална загриженост за капацитетите на оние институции кои се одговорни за да ги однесат криминалците до правдата. Во Македонија, пак, во однос на перцепцијата за корупција на институциите најлошо стојат политичките партии, судството, јавната администрација и полицијата.

Претседателката на Транспаренси интернешнл Македонија, Слаѓана Тасева, вели дека она што ние го гледаме секојдневно во Македонија е големото влијание на политиката во секојдневното работење на институциите и во секојдневниот живот на граѓаните.

„Ниту може некој да се вработи, ниту некој може да добие тендер, ниту може некој да смета на каква било промоција или работење без да биде поврзан со политичката партија“, вели Тасева.

Според претседателката, пак, на Транспаренси интернешнл, Хугет Лабел, нивото на давање поткуп е многу високо низ светот, но дека луѓето веруваат дека имаат моќ да ја спречат корупцијата и дека значаен е бројот на оние кои се подготвени да се борат против злоупотребата на моќ, тајните договори и поткупот.

„Владите треба сериозно да го земат превид овој глас за борба против корупција од нивните граѓани и да одговорат со конкретни акции за да се подигне транспарентноста и отчетноста. Потребно е јако раководство особено од страна на владите во Г20. Во 17 земји од Г20, 59 отсто од испитаниците кажаа дека нивните влади не работат добро во борба против корупцијата“, рече Лабел.

Транспаренси интернешенел, препорачува политичарите да ги објават своите лични и на семејствата даночни пријави, додека политичките субјекти треба да објават кој ги финансира и во колкав износ.

OhridNews
извор:„Макфакс“