Граѓаните најмногу се жалат на политичка дискриминација за време на избори, особено локални, а годинава се регистрирани и 6 поплаки за дискриминација по етничка основа, што е најголем број до сега, изјави денеска во Охрид народниот правобранител Иџет Мемети.

Сепак, посочи Мемети, бројот на пријави од граѓаните по основ на дискриминација е многу мал, иако во Македонија покрај институцијата Народен правобранител постои и Комисија за заштита од дискриминација.Тоа според него се должи пред се поради тоа што граѓаните немаат доволно сознанија или не ја препознаваат дискриминацијата, што е знак дека општеството во иднина мора повеќе да работи на подобрување на правата на граѓаните. 

-И кај комисијата која подоцна почна со работа и кај Народниот правобранител ако се погледнат пријавите, мал е бројот на лица кои бараат заштита од дискриминација. Карактеристика е и тоа што голем е бројот на лица кои бараат заштита, а кои по првиот контактот со институцијата ако го добијат своето право, пример да се вратат на работа или слично, се откажуваат од случајот, односно не одат понатаму. Оваа година до институцијата Народен правобранител има 32 претставки, а до Комисјата за заштита од дискриминација 61 претставка.-рече Мемети.

Народниот правобранител упати апел до граѓаните да бидат похрабри и да ги пријавуваат случаите на дискриминација, затоа што постојат институции кои можат да им помогнат. Исто така тој ги повика сите чинители во државата да вложат напор во промоција на човековите права и правата на заедниците и маргинализираните групи, се со цел тие да не се во нерамноправна положба. 

Инаку, Охрид е домаќин на Конференција на народните правобранители од регионот на која учествуваат тела и организации кои се борат против дискриминација. Посебен акцент на конференцијата ќе биде ставен на заштитата на маргинализираните групи пред се на ромската заедница. 

OhridNews