По повод 1150 години од моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј, вчера во охридската катедрална црква „Св. Софија“ се одржа промоција на книгата насловена како „Проглас“, пишувана од неколку еминентни словачки научници. Текстовите во делото кои се паралелно пишувани на словачки и македонски јазик, се надополнети со 30-тина фотографии од најстарите фрески од Охрид и македонските цркви, дела фотографирани од познатиот охридски историчар на уметност, Гоце Жура.

Како што објаснува Жура, идеата за создавање на едно вакво дело датира од пред две години токму од лулката на словенската писменост, Охрид.

Во соработка со Министерството за култура и Националната библиотека од Р. Словачка, при една средба пред две години во Охрид, се дојде до замисла да се направи книга „Пролог“, со текстови од најеминентните учени од Словачка. Одлучено беше истата да биде збогатена со најстарите и најубави фотографии на фрескоживописот од македонските цркви, на кои се насликани светите Кирил и Методиј и нивните ученици, светите Климент, Наум, Горазд, Ангеларија и Сава.“ – објаснува Жура.

Во книгата се поместени фотографии од најстарите претстави на седмочислениците, почнувајќи од катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид, преку Курбиново па се до манастирскиот комплекс „Св. Наум“.

Се пристапи сериозно кон работата и од ден на ден, книгата го добиваше својот конечен изглед. Како најстара претстава на светите Кирил и Методиј се наоѓа во охридската катедрала „Св. Софија“, додека како најстара претстава на седмочислениците се смета онаа од Слимничкиот манастир откриена од страна на академик Цветан Грозданов.“ – потенцира Жура.

Книгата започнува со претставата на Седмочислениците од манастирската црква „Св. Наум“, а завршува со извондредниот лик на Св. Климент Охридски од црквата „Св. Спас“ во село Лескоец и возобновениот климентов храм на Плаошник.

На задната корица е уникатната фотографија на една икона, на која е насликана композицијата „Смртта на Горазд и Ангелариј“, која денес се наоѓа во црквата „Св. Богородица“ во Берат, Албанија.“ – додава охриѓанецот Жура.

Меѓу најеминентните научни работници кои се дел од пишуваните текстови во делото „Проглас“ е Кирил Васил, архиепископ кој од Цариградската патријаршија е назначен како претставник во Ватикан.

Јас би се задржал на еден мал дел од текстовите пишувани, како што напоменав, од најеминентните учени за оваа проблематика од Р. Словачка.  Еве извадок од текстот на Кирил Васил. „Ако ги прашаш грчките книжевници: „Кој и кога ви ги создал буквите и ви ги превел книгите?“ – малкумина од нив го знаат тоа. Ако, пак, ги запрашаш словенските книжевници: „Кој ви ги создал буквите и кој ви ги превел книгите?“ – сите знаат и одговарајќи ќе кажат: „Свети Константин Филозоф, наречен Кирил. Тој ни ги создаде буквите и ни ги преведе книгите, и Методиј, братот негов. Се уште  има живи од оние што ги виделе нив.“ – вели Жура.

Во книгата, авторот Теодор Кришка ги наведува сличностите со кои се одликуваат храмовите на школите на Плаошник, во словачкиот Девин, односно манастирскиот комплекс во „Св. Наум.“

Авторот Теодор Кришка меѓу другото ќе рече: Нема поверодостоен доказ од оној на сличноста на храмот на глаголската школа, што Св. Климент го изградил на Плаошник и храмот во словачкиот Девин, каде што се наоѓаше школата на св. Кирил Филозоф од 864 година, како и манастирскиот храм изграден од св. Наум на брегот од Охридското Езеро. Во Охридската реплика на Девинската глаголска школа, така повторно симболично и фактички се обнови првиот словенски универзитет. Така изданието на преводот на Проглас, нека биде бакнеж на македонската земја од нас, Словаците.“ – вели нашиот соговорник.

Инаку, делото е во издание на словачката Национална библиотека „Мартин“, а промотор на вчерашниот настан беше проф. д-р Илија Велев и претставници од Република Словачка.

O.T.