Бројот на поплаки од граѓани за семејно насилство во Струга и струшко минатата година е намален во однос на 2021 година, покажува евиденцијата на Секторот за внатрешни работи Охрид.

Според податоците, во 2022 година на подрачјето на ОВР Струга, регистрирани биле вкупно 51 поплака од граѓани, додека претходната, 2021 година вкупно 71 лице пријавиле семејно насилство.

Лани, по една поплака има за физичко и за економски малтретирање, 49 се поради психичко малтретирање. Поднесени се 29 кривични пријави против 31 лицe. Додека претходната, 2021 година 69 за психичко малтретирање и две поради економско малтретирање, појасни портпаролот Стефан Димоски.

Според начинот на извршување, додаде, 15, односно 13 казнени дела се извршени со физичка сила и 14, односно 10 со вербални закани. Најголем број од заканите биле извршени поради психичко растројство, 23 лани и 20 годината претходно, а имало закани и под дејство на алкохол и дрога, како и со ладно оружје.

Во јануари годинава, пак, пријавени се пет казнени дела, а во февруари две.

Три казнени дела во јануари се „загрозување на сигурноста при семејно насилство“, а две „телесна повреда при вршење семејно насилство“, додека во текот на февруари имало по една „телесна повреда при вршење семејно насилство“ и „загрозување на сигурноста при семејно насилство“ за што се поднесени и кривични пријави против две лица, изјави Димоски.

Центарот за социјална работа во Струга, како што информираше директорот Мевмед Халили, работи на превенција на сите форми на родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство.

Како институција ја промовираме родовата еднаквост и елиминирањето на стереотипите за родовите улоги базирани на културата, обичаите, верата, традициите и другите практики, кои се засноваат на идејата за подреденост на жените и мажите, истакна Халили.

Тој посочи дека во тек е и кампањата „Со тебе сме – Заедно против насилството врз жените и девојчињата“.

OhridNews