Во текот на оваа година, службите на СВР Охрид регистрирале само 3 прекршувања на редот и мирот во училиштата во Охрид и Дебрца. Ова беше потенцирано на денешниот дваесет и петти состанок на советодавната група граѓани-Охрид, одржана во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“. На средбата меѓудругото, истакнати беа мерките кои доведуваат до намалување на прекршоците во средните и основните училишта.

Според портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, безбедносната состојба во охридскиот регион е беспрекорна. „Работиме на безбедноста како во самиот град, така и во училиштата во општините Охрид и Дебарца. За разлика од пред 3 години, кога во рамките на образовните центри регистрирани беа 16 прекршоци, оваа година таа бројка изнесува само 3. Заслугата не е само на полициските службеници, туку и на координацијата со советодавната група граѓани.“ – истакна Димоски.


Димоски потенцира дека поставувањето на видео надзор во училиштата, како и присуството на агенциите за обезбедување, ќе придонесат кон намалување на прекршоците  во овие установи. „Улогата на видео надзорот и обезбедувањето, се начин како да се спречат учениците кои имаат тенденции за правење на прекршоци. Од страна на педагошките и психолошките служби во школите, се врши едукација за спречување на насилството. Сите овие параметри ја даваат таа клучна бројка, која е значително намалена во текот на оваа година“ – додава Димоски.


Инаку, на средбата беа поднесени информации околу изборот на агенции за физичко обезбедување на училиштата, како и  спроведувањето на проектот „Безбедни училишта-хармонична средина“. Овој проект е инициран од министерството за образование, министерството за внатрешни работи,  како и мисијата на ОБСЕ  во Република Македонија.

 

OhridNews