Ниската заинтересираност на македонските граѓани за летување во домашните туристички места е поради високата цена на понудите од страна на туристичко-угостителските објекти.

 Од Здружението на угостители потенцираат дека високите цени пред се зависат од висината на ДДВ кое треба да се намали на пет отсто, при што би се намалила и цената за престој во хотелите, но и големо влијание имаа менаџирањето на објектите со константната цена преку целата година, пренесува „Макфакс“.

„Скапите туристички понуди на хотелиерите не зависат само од државата, зависат и од менаџерскиот тим. Не можат цела година да имаат иста цена и да очекуваат дека Охрид сам по себе ќе им носи туристи. Домашните гости не летуваат заради скапата понуда во мај и јуни во Грција имаше понуда од 20 евра полупансион, зошто би дошле во Охрид и да платат 50 евра“, истакна Снежана Јовановска-Трајковска од Здружението на угостители при Стопанската комора на Македонија.


Таа се надева дека со намалување на ДДВ за хотелите ќе се намали и цената на производот, но оваа придобивка би се почувствувала наредната година, каде ефектот би изнесувал од осум до девет милиони евра.

Во однос на странските туристи Трајковска смета дека потребно е да се изградбата нови хотели и подобрување на инфраструктурата, како и искористување на природните ресурси.

„Немаме ниту една искористена бања, а тоа е нешто што најмногу може да ги привлече странските туристи, тие се повеќе бараат природни богатства, а Македонија во тој поглед може да привлече туристи“, велат од Здружението на угостители.

Од таму сметаат дека потребно е постојано да се инвестира во туризмот бидејќи учествува со 1,5 отсто во БДП, а четири отсто од вкупната вработеност во Македонија е токму во овој сектор.

OhridNews
извор:„Макфакс“