Управата на општата болница во Охрид на прес конференција денеска реагираше на отворањето на фирма за вршење погребални услуги во близина на здравствената организација, која со работа започнала неодамна.

-Зачудува иницијативата за отворање погребално претпријатие на влезот на болницата која со изградбата на новото крило ќе биде една од најсовремените здравствени организација во Европа. За жал од за нас непознати причини и крајно неетички сега непосредно до болницата се отвара фирма за погребални услуги. Доколку некаде во светот најдете ваква слика ние ќе го одобриме -изјави Д-р Сашо Василески.


Тој посочи дека со отварање на едно вакво претпријатие пред болницата некој се игра со чувствата на граѓаните.

-Охрид мора да има стандарди на живеење и не може секој каде ќе му текне да отвори се и сешто. Вакви услуги се потребни, тоа е природата на живеење, но се знае каде треба да има погребални услуги, има градски гробишта и нека бидат таму лоцирани, не да си поигруваат со душите на луѓето. Навечер многу фамилии чекаат добар абер за своите блиски и гледаат ковчези и венци, ако е тоа етички, јас се извинувам за оваа прес конференција.-рече Василески.


Д-р Сашо Василески

Реагираше и локалната самоуправа, од каде посочуваат дека општината нема ингеренции да дава согласност за вршење погребална дејност, но и таа смета дека отварањето на такво претпријатие пред болницата е неетички.

–  Тоа претпријатие не е општинско, тоа е приватна фирма. Општина Охрид нема тука никакви надлежности, не дава согласност за видот на дејноста што ќе се врши, тоа го одредуваат државните институции. Многу невкусно е пред болницата да има погребално прептријатие. Сметам дека локацијата е  несреќно избрана и треба сигурно да се дислоцира од тоа место, рече Петрески.


Александар Петрески

Додека медиумите беа во болницата претпријатието за погребални услуги кое се наоѓа во непосредна близина не работеше. Граѓаните кои ги затекнавме во кругот на болницата изјавија дека се непријатно изненадени од глетката и сметаат дека местото на вршење ваква дејност не е соодветно избрано.