Јавното претпријатие Охридски комуналец ги намалува цените за подигање градежен шут за 9%. Цената од 54 денари за метар кубен отпад, се намалува на 50 денари. Како што потенцира ВД директорката на претпријатието, Елена Скрческа, целта е да се подигне свеста на охриѓани да не го расфрлаат отпадот во околината, како што тоа постојано се прави, при што никнуваат депонии низ градот, покрај патиштата, но и во националниот парк.

Нека цената биде симболична со цел граѓаните да стекнат навика соодветно да се депонира градежниот шут, односно да ги повикаат службите задолжени за негово подигање и транспортирање во одредените депонии,  вели Скрческа.

Јавното претпријатие ги намалува и цените и на посадочен материјал со кој располага за 10%.

Наместо градот да се нагрдува со отпад, убаво би било кога сите би се погрижиле за разубавување на дворовите и околината со садници . Претпријатието располага со богата понуда која на овој начин се надеваме ќе биде подостапна за граѓаните, додава директорката на „Охридски комуналец“.

Колку се подготвени граѓаните да ги променат лошите навики и во колкава мера тие се поврзани со цената која треба да се плати за подигање градежен шут, времето ќе покаже. Екологистите со став дека едноставно станува збор за немарност и негрижа во однос на  зачувување на околината.Категорични се дека тоа во што поскоро време мора да се промени, бидејќи Охрид сепак е  туристичко место во кое приоритет треба  да биде комуналната хигиена и чистата околина.

Т.К.