Мал е бројот на охриѓани кои се љубители на пишаниот збор и редовно читаат книги. Ова го потврдуваат од охридската библиотека “Григор Прличев” и од неколку книжарници низ Охрид Од таму објаснуваат дека причината за се помалиот интерес за читање и купување на книги се должи на се поголемиот развојот на технологијата и се почестото користење на интернетот, за исполнување на слободното време.

-Иако располагаме со голем фонд на книги и Општина Охрид има голем број жители, интересот за читање и позајмување на книги од нашата библиотека е на многу ниско ниво. Моментално имаме околу 1200 читатели од кои најголемиот дел им припаѓа на учениците од основните и средните училишта, кои најчесто ги читаат  лектирните изданија, кои се задолжителни во наставните програми.-вели Тоде Илиевски, директор на охридската Библиотека “Григор Прличев”.

Тој објаснува дека интересот за читање на книги можеби би бил поголем доколку Охрид има современа библиотека со соодветни услови, какви што има во другите градови.

-Библиотеката моментално функционира во простор од околу 250 метри квадратни. Тука се сместени и книгите и администрацијата. Тоа е многу мала површина за да организираме или да отвориме нови содржини во библиотеката, со кои би биле интересни и би привлекле поголем број на читатели. На пример не располагаме со читална, каде што читателите ќе може да читаат книги, а исто така тие немаат пристап за подетално и самостојно разгледување на  книгите кои се на располагање, па позајмувањето се одвива исклучиво преку шалтерот, кој е поставен за таа намена. –објаснува Илиевски, нагласуваќи дека охридската библиотека се труди да биде во тек  моменталните светски трендови во издаваштвото и дека редовно ги набавува сите нови наслови од светската литература.

Дека читањето на книги не е многу популарно во Охрид, потврдуваат и од неколкуте охридски книжарници, во кои може да се набават дела од македонската и светската литература.

-Почесто продаваме прирачници за одредена област, енциклопедии, детски сликовници и читанки, но многу поретко книги и романи. Според нас тоа се должи на нискиот стандард на населението, а не во желбата за читање.-велат од охридските книжарници.


По повод 23 април,  Светскиот ден на книгата и авторското право, читателите од охридската библиотека кои денеска позајмуваа книги, добија по една  книга подарок, од библиотеката.
 
УНЕСКО го востанови 23 април за Светски ден на книгата и авторското право во 1995 година, а само две години подоцна, во 1997 година, Библиотекарското друштво на Македонија го прогласи 23 Април и за Ден на библиотекарите на Република Македонија. Оттогаш тој се одбележува со пригодни манифестации, а меѓу нив е и Меѓународниот саем на книгата.

Е.Е.