И покрај најавите за дислоцирање на автобуската постојка пред зградата „ Печијаре“, деновиве, започнаа, па беа стопирани, активности за поставување на нова постојка на истата локација. Ископаните дупки во вечерните часови беа пополнети, а жителите од зградата збунети прашуваат дали надлежните ќе ги исполнат ветувањата за дислокација на постојката.
– Најавите беа дека ќе се дислоцира затоа што се прави голем метеж и хаос откако се изгради кружниот тек, затоа што постојката е веднаш до пешачкиот премин. Постојката во секој случај не треба да е пред влезовите на зградата, бидејќи ние како жители едвај влегуваме во зградата поради бројните граѓани кои чекаат на постојката. Освен тоа влезовите се користат и како јавни тоалети, велат жителите од зградата.
Од локалната самоуправа, од каде беше најавено дека постојката наскоро ќе се дислоцира, објаснуваат дека најверојатно дошло до грешка при обележување на новата постојка од страна на изведувачот.
– Изведувачот е скопска компанија која деновиве врши обележување и поставување на нови постојки. Најверојатно откако започнале активностите за поставување на постојката кај новиот кружен тек се увидело дека постојката повеќе нема да стои на тоа место па се стопирале активностите, велат од локалната самоуправа.
Оттаму, потврдуваат дека автобуската постојка ќе биде дислоцирана на околу 20 до 30 метра во правец на гимназијата.
Т.К.