Коалицијата „Сојуз за иднината“, предводена од СДСМ, денес, во Скопје одржа протестен марш под мотото „Отпор против партиско-полицискиот режим“.

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски рече дека денешниот протест сакале да го завршат пред Министерството за внатрешни работи, но кордоните полиција ги запреле многу подалеку.

– Но не згрешија. Застанавме пред зградата во која живее наредбодателот Никола Груевски. Тој самиот лично и да нè види и да нè слушне, не неговите медиумски мегафони. И да нè брои и да нè изброи. Дозволете да му упатам еден повик: Излези Никола право на тераса и поздрави го народот што гласа. Излези Никола право на балкон да си го видиш црвениот картон, рече Црвенковски.

Тој уште една порача дека на Македонија и се потребни предвремени парламентарни избори, на коишто народот ќе одлучи „во каква држава ќе живееме“.

– Тешко на таа власт која чека само полиција да ја држи на власт. И овие полицајци имаат свои семејства и свои деца и гледаат дека ова што ни се случува не е нормално и не може на арно да заврши. Ова што ни се случува е тест за тоа во каква држава ќе живееме, каква држава ќе имаме. Мене не ми треба никој да ми ја спасува кариерата. Јас својата кариера ја направив, но сакам да живеам во нормална држава. Оваа одлука може да ја донесе само оној кому му припаѓа оваа држава, а тоа е народот. Затоа ни се потребни фер избори. Народот да реши. На Македонија и се потребни избори. Историски избори за историска победа. Како ретко кога во мојот живот сум горд што припаѓам на ваков народ“, рече Црвенковски.

На протестниот марш пред присутните граѓани им се обрати и Стојанче Ангелов од партијата „Достоинство“,лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски, претседателот на НСДП, Тито Петковски и активистот за човекови права, Суад Мисини.

Маршот започна на пладне од крстосницата на улица „Брадфордска“ со улица „Јуриј Гагарин“, а заврши во близина на Министерството за внатрешни работи.

OhridNews
извор: Макфакс