Топлото време кое изминатиов викенд преовладуваше во Охрид, намами голем број туристи по плажите. Но самиот влез од популарната „трета горица“ е забарикадиран од депонија, која од ден на ден се зголемува. 

Овие грди слики говорат многу за ниската еколошка свест на поединци, а граѓаните велат дека ова не му прилега на еден туристички центар.

Дојдете и уверете се. Навистина не знам од каде доаѓаат овие лименки и црни вреќи полни со смет, но депонијата од ден на ден се зголемува. Едноставно за еден туристички центар, ваква грда слика не прилега. Згора на тоа, отпадоците се расфрлани на самиот влез од овој комплекс со плажи, што директно упаѓа во очите на туристите.“ – вели наш сограѓанин.

Охриѓани велат дека за овој проблем ќе ги известат надлежните инспекциски служби, потенцирајќи дека кај дел од сограѓаните не постои воопшто еколошка свест.

Проблемот мора да се лоцира во коренот. Екологијата треба да се воведе како задолжителен предмет во сите основни училишта во земјава. Само на тој начин, нашата младина ќе знае дека ова што денеска се случува, не е добро ниту за градот, ниту за земјата, ниту за природата. Централната власт мора да изрече поригорозни казни за сите оние кои го нарушуваат природниот еко-систем. “ – истакнува наш сограѓанин

И доколку не можеме да влијаеме на природните циклуси, може многу да се направи во средување на крајбрежјето, кое пред сезона треба добро да се исчисти, за туристите да не ја затекнат сегашната грда слика.

O.T.