Животната средина ни е една голема депонија. Несовесното однесување и загадувањето на природата и јавниот простор во Охрид, впрочем како и во целата држава, станува алармантно. Дека сме еколошки несвесни и неедуцирани не е само констатација до која брзо ќе дојдете само доколку погледнете околу себе, за жал, во нашиов случај тоа е веќе дијагноза која заслужува подлабока анализа.

На влезот од Охрид во местото викано Патерица во плодното поле на Градинар никнува некој нов „вид земјоделство“. Наместо насади таму се сее отпад од најразичен вид. Кревети, покуќнина, градежен шут и што ли уште нема расфрлано на стотина метри од езерото.

Иронијата да е поголема на педесеттина метри воздушно од дивата депонија среде плодното земјиште е Мауцкер каде постои регуларна депонија за одлагање цврст отпад.

И во овој случај, како и во многу други, останува да се запрашаме што правиме ние самите, а пред се системот да ги спречи, санкционира, елиминира ваквите појави? Дали некој е казнет? Дали вистински се работи на едукација и подигнување на јавната свест за намалување на загадувањето и заштита на животната средина? Дали знаат надлежните колку вакви фотографии завршуваат во меморијата на туристите?

Очигледно е дека екологијата е на маргините на нашето општество, вклучително и на структурите кои управуваат со него. Крајно време е за конкретна акција и реакција на системот, наместо кампањски активности и лиферување соопштенија за акции кои всушност се работни обврски на тие кои се платени од граѓаните за тоа. Време е екологијата од дното да се крене на врвот на агендите на сите, да се креира ефикасен систем, да се формира едуцирана, општествено свесна и мотивирана комунална служба – полиција, која деноноќно ќе ја заштитува животната средина, ќе казнува, едуцира и мотивира повеќе да се грижиме за јавната чистота, а со тоа ќе се грижи за имиџот на Охрид – најубавиот и најголем туристички центар во земјата, културен и духовен центар, бисер на природата заштитен од УНЕСКО кој, за жал, се дави во отпад кој секојдневно несоодветно го одлагаат неговите граѓани. Да мрднеме милиметар за почеток и тоа ќе биде добра промена. Се разбира доколку сакаме.

Горан Момироски