Во завршното обраќање, пред изборниот молк, кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ, Кирил Трендафилов Нанче, искажа надеж дека ќе ја добие довербата од охриѓани на претстојните избори, која ќе оправда со, како што рече, напорна работа и ангажирање на сите потенцијали во интерес на Охрид.

Со посветена работа во наредните 4 години може да одработиме големи работи. Такви се и моите критериуми, особено за функционирањето на локалната администрација која треба да е вистински сервис на граѓаните. Нема чуда има само многу посветеност и работа, рече Нанче.

Трендафилов ги повика граѓаните да излезат на 22 март на гласање и да ја дададт поддршката за кандидатот под реден број 3, за Кирил Трендафилов – Нанче и за листата на советници под реден број 18 на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, за да може, како што истакна, градоначалникот да носи ефективни одлуки. Притоа  Нанче побара гласачите да ја поддржат и кандидатурата на Ѓорѓе Иванов за претседател на државата.

Моите стандарди се европски, сакам од Охрид да направиме европски град и во соработка со владата да обезбедиме услови за привлекување средства од европските фондови. Треба во наредните 4 години да направиме нешто што ќе остане и со што ќе се гордееме како генерација, рече Трендафилов.

На завршната прес конференција, кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ, искажа јавна благодарност до медиумите за професионалниот пристап во известувањето од кампањата.

Увереност во победа на ВМРО ДПМНЕ на претстојните локални избори искажа и носителот на листата на советници , Борче Стефаноски. Тој кажа дека СДСМ е дезориентиран и дека охриѓани никогаш повеќе нема да се идентификуваат со градоначалник како сегашниот.

Она што ВМРО ДПМНЕ како платформа го презентира е давање на вистинското значење на Советот  како инструмент за управување со локалната самоуправа. На Охрид не му е потребен расцепкан Совет, туку силна политичка подршка која ќе покаже како се се работи за својот град, за околината , Совет кој ќе го врати достоинството на Охрид, истакна носителот на советничката листа Борче Стефаноски.

Ohridnews