
„Ревизија на генералниот и деталните урбанистички планови е првата работа што ќе ја направам по освојувањето на градоначалничката функција“, изјави Трендафилов- Нанче.
Нанче најави дека првиот ден по седнувањето на чело на локалната самоуправа ќе распише и тендер за изградба на Здравствениот дом.
Изградба на индустриска зона со помош на Владата, формирање центар за развој на малото стопанство и поддршка на туризмот, проекти за развој на руралниот туризам, изградба на фискултурни сали, изградба на постојниот пат Охрид -Пештани, проширување на Железничка, заштита на студенчишкото блато, етаблирање на електронската општина, донесување Закон за Охрид, се само дел од проектите за реализација што ги најави кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Трендафилов-Нанче.
Тој денеска подвлече дека со задоволство ги прифаќа програмите на противкандидатите од првиот круг, кои смета дека се квалитетни и комплементарни со неговата програма.
„Ваквите програми ќе бидат реализирани откако јас ќе ја добијам поддршката на граѓаните. Тука се отварање на општинска канцеларија за помош и поддршка на бизнис во рамките на проектот „ Работен инкубатор“, изградба на конгресен центар и развој на конгресниот туризам преку изнаоѓање заинтересиран инвеститор, како изградба на современа автобуска станица“ , рече Трендафилов.
Од говорницата на ВМРО-ДПМНЕ тој најави дека во наредните 4 години ќе им се стави крај на водоводните и канализационите проблеми, а потоа ќе се средуваат патиштата. Во програмата има и проект за осовременување на пазарот како и изградба на дисперзирани зелени пазари на територијата на општинава.
А.Р.











