Кандидатите за градоначалник на Охрид, Кирил Трендафилов – Нанче од ВМРО ДПМНЕ и Александар Петрески од СДСМ, го имаа последното директно соочување на локалната телевизија Тв М. Двајцата повеќе или помалку се обидоа да ја сoкријат нервозата пред неделниот втор и одлучувачки круг од изборите, кога и Трендафилов и Петрески изразија увереност дека ќе слават.


Во дуелот што го водеше колешката Тања Кувенџиска, кандидатите не пропуштија да се потсетат за, како што беше кажано, нападите во текот на кампањата, но и да си разменат по некој навредлив збор, но  и сериозни обвинувања за вмешаност во криминал и корупција.

– Деновиве по градот се расфрлаат летоци со инкриминирачка содржина кои немаат никаква врска со мене, рече Трендафилов.

Петрески возврати дека токму таборот на противкандидатот води, како што кажа, црна кампања и антиреклама со притисоци досега невидени во Охрид.

И покрај малите искри кандидатите го задржаа нивото во текот на емисијата во која ги изнесоа своите видувања за актуелните градски проблеми и начините за нивно решавање.


-Имам конкретна програма и визија за санирање на долговите на општината која треба да има ефикасна администација која во рокови и по електронски пат ќе ги решава проблемите и потребите на граѓаните, рече Трендафилов.

Тој изрази неверување во информациите за раздолжување на општината изразувајќи сомнеж дека поради, како што рече, интензивните градежни работи во функција на изборите, таа уште повеќе е задолжена. Тој потсети, на како што истакна, нереализирани ветувања на противкандидатот и најави решавање на сите комунални проблеми во општината во текот на еден мандат. Исто така најави поддршка на Владата за отпочнување на изградба на патните правци Косел – Св. Наум и Косел – Требеништа, изградба на олимписки базен, еден училишен базен, 6 спортски игралишта за фудбал и тенис.

Трендафилов упати критики за хаотичната урбанизација на Охрид, која како што рече, се врши модуларно и само во централното градско подрачје за да се задоволат лични интереси на поединци. Тој најави ревизија на ГУП и ДУП-ви и градежна експанзија, но не во центарот, туку во зоните каде ќе се градат комерцијални објекти кои ќе значат развој, а не нелојална конкуренција за туризмот. Тој најави подобра туристичка промоција на Охрид и формирање на посебно одделение кое ќе се занимава со ова прашање. Во делот на образованието Трендафилов најави реконструкција на сите училишта, а во соработка сон МОН, изградба на 4 школски сали, поголема поддршка за спортот и изградба на центар за спортови на вода.


Во делот на општинската администрација, Нанче забележа на превработеност во општината и неефикасна администрација, најавувајќи нов начин на работа, при што, како што потенцираше, своето место ќе си го најдат сите професионалци кои одговорно ги извршуваат работите, а не по систем нишај врата земај плата. Тој истакна дека како магистар по менаџмент ќе го вложи своето дваесет и две годишно искуство во водењето на општината.

Актуелниот кандидат за градоначалник Александар Петрески, рече дека за разлика од противкандидатот, тој нуди реална и остварлива програма.

– Не може со нерешени основни инфраструктурни проблеми да се трошат милиони на колиби и тоа во време на економска криза, рече Петрески. Тој се пофали дека во текот на неговиот мандат биле изградени 18.000 метри водовод, 36.000 метри канализација и 100 километри улици, што како што напомена, било повеќе отколку во 8-те години пред него заедно. Лесно е сега да се ветува завршување на комуналните проекти откако 99% од работата е завршена, рече Петрески. Тој напомена дека општината ниту еден урбанистички план не донела без согласност на надлежните министерства и дека во Охрид градат чесни луѓе.Тој напомена дека Охрид е лидер по донесените ДУП-ви во Македонија и дека најголем проблем претствува тоа што сопственик на градежното земјиште е државата, поради што општината не можела да распише тендери за изградба на капиталните објекти.


Петрески кажа дека во неговиот мандат во Охрид заживеал зимскиот туризам, што како што рече, се должи на напорите на општината која подготвила квалитетен рекламен материјал и која е присутна на сите значајни саеми. Петрески се пофали со инвестициите во образованието, каде како што рече, без помош на надлежното министертсво е извршено реновирање на сите училишта, а гимназијата по 7 децении го вратила стариот сјај. Во спортот Петрески се пофали со реновираната сала „Билјанини извори“ каде се одржаа повеќе светски и европски првенства, а градските клубови играле и тренирале бесплатно, како и со поддршката на спортстските манифестации и спортистите.


Според Петрески општинската администрациија е високо професионална и одговорно работи како сервис на граѓаните. Тој кажа дека имало вработувања во неговиот мандат, но тие не биле правени по партиска линија и најави дека ќе има нови вработувања, затоа што тоа произлегувало од зголемените ингеренции со децентралијата. Јас со успех ги менаџирав сите претпријатија во кои работев, а тоа го правам и со општината, рече Петрески.

Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 5-ти април, кога Охрид ќе го добие идниот градоначалник.

Ohridnews