ВМРО-ДПМНЕ синоќа одржа митинг во Велгошти, пред голем број на граѓани.

„ВМРО-ДПМНЕ е партија на патриоти, а да бидеш патриот значи да си чесен и вреден и пред се да ја сакаш Македонија. Вредните луѓе се лепат на мене како магнет, а мрзливите и оние кои се кријат зад туѓиот труд бегаат од мене.“, рече синоќа, при своето обраќање пред жителите на Велгошти Кирил Трендафилов – Нанче. „За да ги реализира своите проекти на градоначалникот му треба поддршка од советот. А за да се реализираат големите проекти неопходно е градоначалникот и централната власт да соработуваат. Голема е шансата 3 и пол години градоначалникот, мнозинството во советот и владата да се од иста политичка опција – значаен импулс во остварувањето на проектите значајни за сите граѓани на Општината“ – истакна Трендафилов.

Покрај кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Трендафилов – Нанче, синоќа на велгоштани им се обратија и Заменик министерот за информатичко општество Мирјана Секулоска, која ги поздрави насобраните граѓани од премиерот на Владата Никола Груевски и истакна дека знае дека Велгошти било, е, и ќе биде бастион на ВМРО-ДПМНЕ.

Во своето обраќање пратеникот Александар Николоски од Велгоштани побара голема поддршка за кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов. „ВМРО-ДПМНЕ на овие избори има еден кандидат за претседател – а тоа е професорот Иванов. Човекот кој што потекнува од скромно семејство од Валандово и кој исклучиво со својот труд, чесност и посветеност стигна до врвовите на научните и интелектуални кругови на Македонија. Човекот кој што ја сака Македонија и со кого Македонија ќе се гордее кога ќе стане претседател на државата“. „На овие претседателски и локални избори граѓаните ќе кажат што мислат за оние кои транзицијата ја искористија за криминално богатење, а осиромашувањето на народот исклучиво за сопствена благосостојба“, рече Николоски.
Нанче побара поддршка од велгоштани











