ОИШ ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ одржа средба со граѓаните на Трпејца и Рача. На овие средби освен кандидатот за градоначалник Кирил Трендафилов – Нанче и носителот на советничката листа Борис Стефаноски, до граѓаните се обратија пратеничката Анита Кипаризова – Крстеска и министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски.

Милошоски истакна „ВМРО-ДПМНЕ на овие избори настапува со кандидат за претседател кој што е скромен, чесен, одменен, пристоен, кој што со својот труд постигнал врвна кариера. И СДСМ на овие избори има кандидат кој што е слика и прилика на самата партија – арогантен, непристоен, бескрупулозен, агресивен. Како студенти и од двајцата професори научивме по нешто – од Иванов какви треба да бидеме, од Фрчковски како никогаш не смееме да се однесуваме“.

Кипаризова – Крстевска побара од граѓаните поддршка и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ затоа што „како што нас ни беше тешко во собранието да донесуваме закони со тенко мнозинство од 2006 до 2008 година, граѓаните на Охрид не треба да дозволат проектите на градоначалникот да бидат заложници на советници од т.н. „независни листи“. За ефикасна работа ВМРО-ДПМНЕ треба да има стабилно мнозинство во општинскиот совет“.

Кирил Трендафилов – Нанче и во Трпејца и во Рача истакна дека иднината на туризмот во Охрид се состои и во приградските, крајезерски населби. „Жителите на Трпејца и на Рача треба да соработуваат преку издавање на уредени апартмани во летните месеци, но и во продолжена сезона и еднаш засекогаш да се прекине со неразумната политика на општината на форсирање на изградба на станови за луѓе надвор од Охрид кои се нелојална конкуренција во туристичкиот бизнис“.

На жителите од Рача Трендафолов им вети реализирање на проектот за кружен тек на влезот во населбата со што ќе се превенираат, за жал, досега честите сообраќајни незгоди.











