Ревизијата на Комисијата од Министерството за правда, која проверува дали имало злоупотреби во системот за распределба на предмети кај судиите во кривичниот суд, заврши, jавува „Макфакс“.

Претседателот на Комисијата, Лазар Нанев, рече дека сега следува целосна анализа на списите и за неколку дена ќе биде познато дали намерно одредени судии се распределувале на одредени предмети.

„Завршивме работа во најголем дел, дојдовме за да извршиме анализа во записниците бидејќи имаше сомневања во распределбата на предмети. Следува целосна анализа во сите списи и анализа дали АКМИС-системот е во ред или не е. Генерално, постојат индиции, а велам генерално бидејќи меѓународната јавност и извештајот на Прибе бараа да се изврши надзор во системот. Ние констатираме состојба и правиме анализа бидејќи станува збор за многу уписници во системот, а автоматската распределба е софтверско решение кое е надградено во системот“, рече Нанев.

Тој истакна дека не може за еден ден да се утврди дали има злоупотреба.

„Побаравме акти што ќе покажат дали системот работел според законската регулатива. Законска обврска е секој суд во Македонија да има внатрешни процедури и на месечно ниво да го проверуваат работењето на системот, а ние ќе видиме дали таа процедура се почитувала. Ќе видиме дали законски или незаконски се вклучувале и исклучувале судии од системот. Резултатите од ревизијата би биле готови за неколку дена“, рече Нанев.

Тој рече дека и предметите на специјалното јавно обвинителство се дел од анализите бидејќи тие се од 2017 година.

„Анализите ќе покажат дали бил злоупотребен системот при распределбата и на тие предмети. Доколку има злоупотреби и кривични дела, тоа не е предмет на комисијата, туку на другите институции“, истакна Нанев.

Комисијата врши ревизија за распределба на предметите во 2016 и 2017 година додека на чело на кривичниот суд беа Владимир Панчевски, Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев.

Во извештајот на Рајнхард Прибе беше нотирано дека постојат индиции за злоупотреба на овој систем. Тоа беше забележано и во планот 3-6-9 на Владата што го потврди и министерот за правда, Билен Саљији.

OhridNews
извор: „Макфакс“