Од Одделението за даноци при Општина Охрид велат дека се задоволни од наплатата на данокот на имот и очекуваат дека истата континуирано ќе се зголемува во наредните неколку години.
-Од 2006 година до 2012 година остварените приходи по основ данок на имот се зголемени за 353% или 3,5 пати. Охриѓани и жителите на Република Макдонија кои имаат имот на подрачјето на Охрид, претежно се совесни и дисциплинирани плаќачи на данок на имот. За сите оние кои не спаѓаат во оваа категорија, Одделението за даноци спроведува постапка за присилна наплата. Присилната наплата се извршува од нето личните примања кај физичките лица и од средствата на сметките кај правните лица, вели Ивана Бандилова Несторовска, раководител на Одделението за даноци при Општина Охрид.
Таа објасни дека со цел да се утврди дали на подрачјето на Охрид има неевидентиран недвижен имот, лани била спроведена акција за евиденција на целокупниот недвижен имот.
– Во периодот од април до ноември 2011 година нашите служби евидентираа некаде околу 80% од вкупниот недвижен имот во Охрид. Евидентитирањето се вршеше на лице место при што се користеа податоци од Агенцијата за Катастар на недвижности. Некои поголеми потешкотии околу спроведувањето на самата постапка немаше, појаснува Бандилова Несторовска.
Таа нагласи дека по новото евидентирање се вршело и сеуште е во тек споредување на новите податоци со постоечката база на податоци на надвижен имот во Одделението за даноци.
За стан чија што вредност е околу 35.000 евра Данокот на имот изнесува 1.077 денари
-Од досега обработените податоци некаде околу 17 % од сопствениците на недвижен имот на територијата на Општина Охрид не го пријавиле својот имот. Овој процент очекуваме да варира и точната бројка на сопственици кои не го пријавувале својот имот ќе се знае на крајот на ажурирањето на податоците , вели Бандилова Несторовска.
Таа појасни дека од 1 јули 2005 година кога Локалната самопуправа ги презела надлежностите во областа на даноците, не биле евидентирани даночни пријави во кои даночните обврзници пријавуваат недвижен имот со помала квадаратура, поради тоа што при поднесувањето на даночната пријава тие биле должни да достават и доказ за сопственост.
Во моментов на веб-страницата на Општина Охрид, Објавена е јавна покана за поденсување на годишна даночна пријава за утврдување на данок на имот за 2012 година.