Од денес до 12-ти јуни, Охрид ќе биде домаќин на работилница на тема „Најдобрите практики и иновативни пристапи за развивање на рамка на сигурносни политики за сајбер-безбедност“, која е во организација на НАТО Алијансата во соработка со ФЕИТ Скопје.
Според ко-директорот на работилницата од земјава, проф. Александар Ристоски, напредокот на технологиите и променливоста на методите отвораат нови можности за сајбер криминалците, а единствениот начин за заштита од нив е постојано следење и ревизија на постоечките алатки.
„Како луѓе што се занимаваме со оваа проблематика мора да бидеме еден чекор пред напаѓачите, со цел да ги осетиме нивните намери и навреме да може да реагираме со проактивни мерки пред да се случат нападите.“ – истакна Ристоски.
Според него, во рамките на работилницата треба да се покријат теми од оваа област од аспект на подготовка на политики и процедури со кои ќе треба да се справат релевантните организации во земјава.
Ко-директорот од земја членка на НАТО и претседател на Институот за применета наука при америчкиот Универзитет Норвич, Филип Сусман, истакна дека потребен е развој и поставување на основите на заштита на меѓународни рамки, како би се утврдило која заштита како функционира.
Инаку, на работилницата учестуваат шеесетина учесниците од повеќе земји, меѓу кои САД, Израел, Германија, БиХ, Хрватска, Ерменија, Молдавија, Грција и Македонија.
OhridNews