Напредува изградбата на пешачката патека во општина Дебрца, што се гради покрај регионалниот пат Охрид-Струга. Според планот, градежните активности за уредување на патеката треба да завршат пред почетокот на туристичката сезона.
Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски кој изврши увид на тековните работи, информира дека според проектната документација пешачката патека ќе биде долга 120 метри, а до неа ќе се пристапува преку приклучно – исклучна лента на која се обезбедени 10 паркинг места за патнички автомобили. Патеката заедно со приклучно-исклучната лента е долга 220 метри.
Пешачката патека се гради од природен камен, ќе се постават клупи за седење, корпи за отпад и ќе се изврши соодветно осветлување. Патеката по целата должина ќе биде заштитена со каскаден ѕид од габиони – мрежи исполнети со природен камен. На новата пешачка патека во иднина е планирано да се организира манифестацијата по повод верскиот празник Богојавление Водици, со фрлање на светиот крст во водите на Охридското Езеро.
Средствата со вкупен износ од 11.448.360,0 денари, за реализација на пешачката патека се обезбедени од Министерството за транспорт и врски.
OhridNews














