До крајот на тековната година ќе бидат остварени стратешки планираните некаде до 2,2 милиони ноќевања, што е на нивото на 2015 година, вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туримот, Љупчо Јаневски во однос на проекциите и очекувањата. Затварањата на земјите, превентивните мерки, ограничувањата на движењето резултира со драстично намалување на бројот остварени приходи од туризмот, особено минатата година. Кога станува збор за оваа календарска 2021 година, ситуацијата е значително подобрена, имаше раздвижувања на туристичкиот пазар, па и видовме странски гости воглавно во летната сезона, што е добар показател дека работите се придвижуваат кон подобро, но се уште остварувањата се далеку зад годините пред појавата на коронавирусот, рече Јаневски.
Оваа летна сезона добро беше што „ТУИ“ почна да лета за Охрид, со четири лета седмично, имавме чартери и од Полска. За 2022 од „ТУИ Холандија“ се најавени четири до шест лета седмично во текот на летниот период, потоа „ТУИ Белгија“ со два лета, исто и „ТУИ Полска“ со половина лет заедно со „ЛОТ“ за Охрид. Веќе добивме потврда дека „ТУИ УК“ ќе лета еднаш седмично за Охрид, рече Јаневски притоа појаснувајќи дека привршуваат преговорите за летовите од Москва и Санкт Петерсбург, како и од Измир, Анкара и Истанбул за Охрид.
Директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски, посочи дека заклучно со август во земјата се регистрирани 1,8 милиони ноќевања. За конечните бројки да бидат такви какви што се големо влијание имале и рестриктривните мерки на одредени европски земји, и релативно краткиот период кога Република Македонија беше во зелената зона на држави за патувања.
Оваа година не посетија до четири илади туристи од Холандија што е добар сигнал и тоа што „ТУИ Холандија“ и воопшто леташе за Охрид. Полските туристи ги имаше во значаен број, требаше да допатуваат и повеќе, но демотивирачка беше мерката на полската влада за задолжителен карантин после враќањето, рече Јаневски.
Карактеристично за главната летна туристичка сезона беше што таа беше мошне кратка, со голем пик, рече Јаневски изразувајќи надеж дека наредната главна летна сезона ќе биде поразвлечена, дека пандемијата ќе завршува, па оттаму и туристичките субјекти ќе можат повеќе да говорат и за планирање во туризмот. Предвидувањата на Агенцијата е дека наредната година во земјата ќе бидат реализирани некаде до 2,5 милиони ноќевања.
OhridNews













