За околу една седмица, односно на 9-ти февруари 2016 година во Основниот суд Скопје 1 ќе започне судскиот процес за 29 обвинети за тероризам по минатогодишната акција во кумановската Дива населба, пишуваат националните медиуми.

Судењето е закажано откако „зелено светло“ дал Советот за оценка на обвинителиот акт. Советот по извршената детална анализа на писмените приговори на обвинитите и на нивните бранители, ги одбил приговорите како неосновани.

Основното јавно обвинителство како организатори на терористичката група ги наведува имињата на починатите Мирсад Ндрецај и Бег Ризај, но и на Анди Красниќи со прекар „командант Малишева“, Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху и Зијадин Красниќи. Бројната група, со три возила, се префрлила во Куманово, а потоа се сместиле во неколку приватни објекти во кумановската Дива населба. Во престрелката со полицијата групата беа убиени осум, а уште 42 припадници на МВР се здобија со прострелни рани.

Според обвинението, пред случувањата на 9-ти мај 2015 година во Дива населба, терористичката група ја ограбила граничната караула Гошинце од каде беа одземени 65 автоматски пушки, три пушкомитралези, две полуавтоматски пушки со снајпер, 50-тина пиштоли и повеќе од 15.000 парчиња муниција. Засега е непознато дали листата обвинети ќе се прошири и со уште еден обвинет кој неодамна беше екстрадиран од Србија.

OhridNews