До средината на наредната седмица ќе заврши новогодишното украсување на Охрид, информираа од општина Охрид. По украсувањето на периферните делови на градот во тек е декорирањето на чаршијата и останатото централно градско подрачје.

Фирмата „Метал Ват“ од Скопје која по претходно објавен јавен оглас беше избрана за најповолен понудувач ги декорира охридската чаршија, ул. „Македонски Просветители“, кеј „Македонија“, градскиот парк, пристанишниот простор, плоштадите „Св. Климент Охридски“ и „Крушевска Република“ и  крак од ул. „Гоце Делчев“ односно старата охридска чаршија. 

Останатите јавни површини во градов Општина Охрид ги декорира со реквизитите кои ги има на располагање од минатите години.

Годинава за прв пат украсувањето на чаршијата освен зеленило ќе има и ѕвездено небо кое ќе блесне по целата нејзина должина од градскиот плоштад до чинарот. Новина годинава е и украсувањето на Светилникот на охридското пристаниште, а на плоштадот „Св. Климент Охридски“ покрај останатите светлечки реквизити ќе има и детски тунел.

OhridNews